ќе пројде и среда, а ти уште си ми скарана...
Доскочици:
Боемска бајка

Боемска бајка

– Ајде да ми раскажеш приказна пред спиење.

Е, многу амерички филмови гледаш синко. Ама ајде

Еве вака.
Во една далечна земја преку седум планини и три езера. Јеби га, море немаме што да ти праам, си живееле тројца витези. Еден зимски ден витезите се здружиле и тргнале да ги бараат своите оружја и да ги убијат трите големи чудовишта на Денешницата, за да го ослободат светот од нив, чунки чудовиштата праеле поголеми зулуми и од турскиот башибозук. Одејќи така низ првата од седумте шуми, зад тројцата витези истрчало првото чудовиште и витезите побегнале во непознат правец.

– Се исплашиле?

Па нормално дека ќе се исплашат, кога биле голораки и без оружје. И не ме прекинувај кога раскажувам. Кај застанав…а да. Откако успеале да му побегнат, витезите се упатиле кон најголемиот, најпрекрасниот, најекслузивниот замок во земјата. Пешачеле шест дена и седум ноќи, искачувале планини, препливале неколку реки и потоци и на крај го здогледале замокот. Со уморни снаги и напорни мозоци се упатиле низ последната шумичка зад која ѕиркал замокот. Тука ги затекнало второто чудовиште кое благодарение на неговата трапавост не успеало да ги стигне и да ги ничкоса. Откако со сета сила се втрчале кон капијата на Замокот, тројцата витези се растрпопале по капиите чекајќи некој брже-боље да им отвори. И дури откако ги кажеле волшебните зборови, домаќинот на Замокот ги пуштил внатре…

– А како се викал замокот? А тато кои биле тие волшебни зборови?

А бе не ми упаѓај у монолог ко нишлија што прашува де је печат! Замокот се викал МЕАНА а волшебните зборови биле: Отворај имаме резервирано маса, седум дена акаме по беспаќево. Е сега, откога влегле брзо се сместиле во својата одја и почнале да се спремаат за дуелот со Чудовиштата. Почнале да пијат од магичните напитоци, полни со гроздови нектари и јачменови екстракти што им ја давале сета храброст на светот. А силата ја црпеле од сите оние царски јадење (види Мак. Народни приказни). Но одеднаш сиот замок почнал да се тресе. Првото чудовиште наречено Стрес кое имало моќ да создаде таков ветер кој корнел цели села и градови и помали метрополи неуморно беше дувал кон замокот. Но освен малото тресење замокот храбро одолеал на нападите на противникот. Малку подоцна, кога оркестарот во замокот ја беше правел првата пауза се створи и второто чудовиште наречено Нервоза. Тоа впрочем беше ламја која цели два часа блуеше оган кон замокот. Залудно се разбира, бидејќи камен беше замокот па огин ништо не му можеше. Веднаш потоа третото чудовиште Депресија ги собра сите облаци на светот и почнаа монсунски дождови, но замокот херметички затворен остана како подморница не примајќи ниту капка вода. И тоа беше крајот.

– Толку???

Како толку бе. Чекај сеа. Тоа беше крајот на трпението на витезите. Излегоа надвор ги видоа трите чудовишта мртви уморни, посегнаа по катаните и сите ги убиjа на лице-место. Потоа се вратија во замокот. А таму, само што излегоа од веце три принцези од другото царство. Откако малку се испоскараа меѓусебе кој на која да и пријде, витезите ги зедоа трите принцези, ги оженија и си заминаа секој на своја страна оставајќи ја земјата безбедна од трите чудовишта. И си живееја среќно до крајот на животот. Ете толку.

– Јеее тато тато и ја сакам да бидам витез, и ја сакам да го посетам тој замок.

Ќе бидеш сине ќе бидеш…ќе дојде и твоето време, само којзнае колку чудовишта ќе се накотат до тогаш.

Ајде сега, добра ноќ.

Автор: Бранислав Ѓорѓиевски

Инфо за Падобранци

avatar
Надворешни соработници.