ќе пројде и среда, а ти уште си ми скарана...
Доскочици:
Папочна врвка

Папочна врвка

Понекогаш се случува да спијам со денови, каде и да сум,
во апсолутен и непрекинат сон
и скоро никој не приметува, и јас
половина од времето не приметувам

и тогаш би седела со тебе
со тивко сино чувство
би била тажна или среќна
би те дишела
најрелаксирано
би се плашела кога би имало причина да се плашам

би треперела со ново откриена аритмија
би се онесвестувала поради ѓаволи
поради прекрасни момци со сончеви очи
поради тоа што моето тело го следи мојот ум
а мојот ум одамна веќе прикрпува сили
за идни напади
од минати напади

и не може да собере повеќе од една врвка
една ебана врвка, папочна
од кога сум се родила
зачувана во фиоката во спална
каде порано стоеа четките за цртање ама
последно време откако мајка ми повеќе прави мозаици
одошто црта
има само години старо ѓубре

и пред некој ден
ја отворив и ја најдов
одлично зачувана
помислив за момент да ја продадам на аукција
за да имам повеќе пари за фустан
ама се сетив дека на луѓето не им е грижа за
одлично зачувани папочни врвци

тогаш решив да си ја завиткам околу главата
како турбан
и мислев дека ќе ми ја донесе конекцијата
дека ќе го избрише моето осамостојување
во последниве дваесет години
дека ќе направи да не бидам толку сама
во себеси

а се што направи беше
се обвитка поцврсто околу моите уши
и ми даде да го чујам мојот плач
веднаш откако сум излегла од таму,
веднаш откако сум зела здив,

и верувајте, така не сум плачела од тогаш.

Автор: Емилија Славковска

Инфо за Падобранци

avatar
Надворешни соработници.