ќе пројде и четврток, а ти уште си ми скарана...
Доскочици:
Театар

Театар

Кому му е потребен сиот тој театар?
Во овој свет со ионака премалку искрени насмевки,
А толку многу лица.

Трчајќи по материјалното заборавaме на душите
закачени на жицата на животот
висат.

Ја вадам шминката
со години наталожена сол на образите
доволна да нахрани седум гладни мориња.

Ги соблекувам сите слоеви тага
останува само мирисот
доволен да ме врати назад во времето.
Немам што да барам таму
сѐ што имам е овде во мене
и во можностите.

Се попарувам со врела вода
како вреќичка чај испуштам арома на грев…
Водата нема да ме измие.
Остануваат траги под прстите на сеќавањето
допири,
годови под кожата
брчки,
онаму каде што минале солзите
и насмевките.

Додека се гледаме во очи
нашите погледи пропаѓаат некаде далеку зад нас
за да заборавиме колку сме плитки во суштина.

Трчајќи по духовноста забораваме на телата
закачени на жицата на животот
висат.

Во овој свет бесмислено двосмислен
зар некому му е дојдено до театар?
Заминувам босонога
немам што да понесам со себе
куферот е само декор.

Автор: Снежана Стојчевска

Инфо за Падобранци

avatar
Надворешни соработници.